Почитувани проценувачи,
Комората на проценувачи на Р.С. Македонија Ве поканува да земете активно учество во процесот на давање предлози за измени и дополнувања на Методологијата за процена на недвижен имот.
Во таа насока, на ден 20.04.2026 година (понеделник), веднаш по одржувањето на Собранието на проценувачи кое започнува во 11 часот, во истите простории на Универзитет Скопје (Туризам), ќе се одржи работна средба на која ќе присуствуваат и претставници од надлежното Министерство за транспорт.
Целта на средбата е да се отворат суштински прашања поврзани со практичната примена на методологијата и да се обезбеди квалитетен придонес од страна на стручната јавност во насока на нејзино унапредување.
Вашиот придонес, преку доставување на конкретни предлози и забелешки базирани на Вашето професионално искуство и пракса, ќе биде од исклучително значење за подобрување на Методологијата за процена на недвижен имот. Воедно, ваквиот пристап ќе придонесе за зајакнување на улогата на Комората како клучен фактор во креирањето на квалитетни и применливи решенија во областа на проценувањето.
Особено е важно во процесот да се вклучат проценувачи со различни стручни профили и области на експертиза, со цел да се обезбеди сеопфатен пристап и квалитетни предлози од повеќе аспекти. Предлозите може да произлегуваат од практичното искуство и да се однесуваат на различни сегменти, вклучително инфраструктурни аспекти, електро и машински фази во рамки на градежните објекти, земјоделски и други релевантни аспекти од проценителската пракса кои воедно би можеле да влијаат на вредноста на имотот и би требало да бидат опфатени во дополнувањето и измената на Методологијата за процена на недвижен имот.
Ве охрабруваме активно да се вклучите во оваа иницијатива и со тоа да придонесете кон заедничка изградба на поефикасен и поодржлив систем на проценување. Доколку не сте во можност да присуствувате, а би сакале да придонесете со конкретни предлози, Ве охрабруваме истите да ги доставите до Комората во било која форма.
Со почит,
Претседател на Комората на проценувачи
на Р.С. Македонија
м-р Ѓорѓе Спировски



