Успешно одржана Меѓународна Конференција на Проценувачи во Охрид!

Со особена чест и гордост Ве информираме дека во прекрасниот амбиент на хотел Хотел Инекс Олгица во Охрид, од 8 до 10 мај 2026 година, успешно беше реализирана 9-тата Меѓународна конференција на проценувачи на тема:

„Влијанието на геополитичките промени и вооружените конфликти врз процесот на проценување“

Конференцијата уште еднаш потврди дека професијата проценувач има исклучително значајна улога во современите економски и финансиски текови, особено во период исполнет со глобални неизвесности, економски трансформации, енергетски предизвици и забрзан технолошки развој.

Во текот на трите конференциски денови, Охрид беше центар на професионални дискусии, размена на знаења и искуства помеѓу домашни и меѓународни експерти, институции, банки, академската заедница и професионалци од областа на проценувањето. Настанот овозможи отворање на значајни прашања поврзани со иднината на проценувањето, потребата од точни и транспарентни податоци, примената на современи методологии и улогата на проценувачите во време на брзи глобални промени.

Во услови кога пазарите стануваат сè почувствителни на геополитички случувања, инфлација, енергетски кризи и промени во инвестициските текови, професионалната и независна проценка претставува еден од клучните фактори за стабилност на финансискиот систем, сигурност на инвестициите и градење доверба во институциите и пазарот.

Особено значајно беше што конференцијата отвори теми поврзани со ESG факторите, енергетската ефикасност, климатските ризици, примената на вештачката интелигенција, дигитализацијата и идниот развој на професијата во согласност со Европските стандарди за проценување (EVS), Меѓународните стандарди за проценување (IVS) и националните методологии.

Во фокусот на дискусиите беа:

  • влијанието на геополитичките и економските случувања врз пазарната вредност на недвижностите, капиталот и инвестициите,
  • важноста на точните, достапни и транспарентни податоци во процесот на проценување,
  • улогата на проценувачите во услови на економска нестабилност и брзи пазарни промени,
  • современите пристапи поврзани со ESG факторите, климатските ризици и енергетската ефикасност,
  • развојот на дигиталните алатки, автоматизираните модели и вештачката интелигенција,
  • како и потребата од континуирано професионално усовршување и јакнење на професионалните стандарди.

Искрена благодарност упатуваме до:Претседателот на Европската групација на асоцијации на проценувачи TEGOVA г-дин Paulo Barros Trindade од Португалија за неговото инспиративно обраќање и континуираната поддршка на европската професија проценувач. Во својата порака тој ја потенцираше важноста на професионалниот интегритет, европските стандарди и улогата на REV сертификацијата како симбол на доверба, квалитет и професионална препознатливост во Европа за нашите проценувачи од државата каде во нашата професија со континуираното усовршување и искуство сме признати веќе како дел од големото Европско семејство.

 

Министерката за финансии м-р Гордана Димитриеска-Кочоска и Министерство за финансии за значајната поддршка и учество на конференцијата. Во своето обраќање министерката разговараше за економските последици од глобалната нестабилност и предизвиците со кои се соочуваат државите и економиите. Македонската економија, како мала и отворена, е директно изложена на предизвиците со кои се соочуваат и Европа и Светот, токму затоа е потребно внимание, затоа што секоја алка во синџирот е важна доколку сакаме да ги намалиме последиците. Веќе e отпочнат процес на ревидирање на постоечката Методологија за проценка на вредност на недвижниот имот.

  • Mинистерот за правда м-р Игор Филков и Министерството за правда за континуираната поддршка и конструктивната соработка во процесот на унапредување на професијата проценувач. Особено ја цениме поддршката во подготовката на измените на нацрт-законот за процена, кој веќе е доставен до Владата на разгледување, како и одобрениот нов Кодекс на етика, кој претставува значаен чекор кон зајакнување на професионалните стандарди, интегритетот и довербата во процесот на проценување.

Заменик министер за транспорт d-r Kaltrina Zekoli Shaqiri и Министерството за транспорт за нивниот значаен придонес и институционална поддршка во насока на унапредување на методологиите, професионалните стандарди и понатамошниот развој на системот на проценување. Како клучна институција во процесите поврзани со Методологијата за процена на недвижен имот, присуството и учеството на заменик министерката на конференцијата претставуваше силна поддршка за професијата и дополнителен поттик за продолжување на реформите, соработка и градење современ и транспарентен систем на проценување. Воедно, ни претставува особена чест што за прв пат на Меѓународната конференција на Комората на проценувачи имавме присуство на висок претставник од Министерството за транспорт, што дополнително ја потврдува важноста на институционалната соработка и улогата на проценувањето во креирањето современи и одржливи политики.

 

М-р Иван Живковски, директор на Агенцијата за катастар на недвижности за неговиот значаен придонес и поддршка, како и за отворањето на прашањата поврзани со транспарентноста, достапноста и точноста на податоците, кои претставуваат суштинска основа за професионално, објективно и доверливо проценување во современи услови. Воедно, искрена благодарност и до претставниците и предавачи од Агенцијата за катастар на недвижности, кои преку своите стручни презентации дадоа значаен придонес кон унапредување на дискусијата за улогата на квалитетните податоци, дигитализацијата на услугите и институционалната соработка во процесот на проценување.

 

Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини и нивниот раководител на сектор за енергетска ефикасност и климатски промени м-р Димитар Парнарџиев за отворањето на важните теми поврзани со енергетските сертификати и нивното заведување во имотен лист, енергетската ефикасност, климатските политики и нивното идно влијание врз вредноста на недвижностите, проектите и инвестициите.

 

Luke Jonathan Brucato од Италија, член на Бордот на TEGОVA и претседател на Комитетот за признавање, за неговото присуство, поддршка, стручно предавање и учество во панел-дискусијата на 9-тата Меѓународна конференција. Во рамки на своето обраќање, тој даде значаен осврт на улогата на европските стандарди, професионалната независност и довербата во процесот на проценување во услови на динамични пазарни промени, при што беше потенцирана важноста на REV сертификацијата и континуираното унапредување на професионалните стандарди во Европа. Воедно, изразуваме искрена благодарност за довербата, поддршката и професионалната соработка која ја даде во процесот на организација на конференцијата, придонесувајќи настанот да биде реализиран на високо професионално и меѓународно ниво.

 

Antigoni Dounavi член на Комитетот за признавање на TEGОVA и претседател на Асоцијацијата на грчки проценувачи (AVAG) од Грција за нејзиното присуство, професионален придонес и континуирана поддршка на регионалната соработка помеѓу проценувачите од Југоисточна Европа. Во рамки на своето предавање и учеството на панел-дискусијата, таа говореше за можностите за продлабочување на регионалната соработка и меѓусебната поддршка помеѓу професионалните асоцијации, како и за развојот и примената на алатки базирани на вештачка интелигенција во процесот на проценување. Притоа беше потенцирана важноста од современ пристап, размена на искуства и континуирано професионално усовршување во насока на понатамошен развој на професијата.

 

Konstantinos Pallis,  MSc од Грција, потпретседател на TEGOVA и претседател на EVSB-PME, за неговото стручно предавање посветено на EVS-PME стандардите и идниот развој на проценувањето на постројки, машини и опрема во Европа. Во своето обраќање, тој посочи дека EVS-PME стандардите претставуваат значајна европска рамка за проценување на постројки, машини и опрема, при што беше истакната и можноста проценувачите од нашата држава, преку нивната националната асоцијација (AVAG), да се сертифицираат и да стекнат меѓународно признаена европска квалификација во оваа област. Притоа беше нагласено дека ваквиот процес има особено значење имајќи ја предвид сложеноста и долготрајноста на европските регулаторни процедури, но и економската важност од создавање високо квалификувани и меѓународно препознаени професионалци во областа на проценувањето на постројки, машини и опрема.

 

Prof. dr. Daniel Manate од Романија, професор, експерт во областа на проценувањето и вештачката интелигенција и долгогодишен пријател и поддржувач на нашата конференција, за неговото инспиративно предавање и учество во панел дискусијата. Тој говореше за влијанието на вештачката интелигенција, современите технологии и глобалните економски промени врз иднината на проценувањето, нагласувајќи дека професионалното расудување и искуството на проценувачот остануваат незаменлив дел од процесот.

 

Prof. dr. Nino Beraia од Грузија, за нејзиното присуство и значајниот осврт на темите поврзани со културното наследство и улогата на проценувањето во заштитата и валоризацијата на значајните добра. Со своето предавање, поттикна и пошироко размислување за потребата од воспоставување посебни регистри со дефинирани вредности за недвижности во државна сопственост и објекти заштитени како културно наследство, особено во државите каде вакви системи сè уште не постојат. Притоа беше истакнато дека ваквите регистри би можеле да имаат значајна улога во процесите на стратешко планирање, економски анализи, привлекување инвестиции, заштита на националното богатство и носење поквалитетни долгорочни политики од страна на државните институции.

м-р Сања Радовиќ, претседател на институтот на овластени проценувачи на Црна Гора (IOPCG) за нејзиното присуство, професионален придонес и поддршка на регионалната соработка помеѓу професионалните организации на проценувачи. Во рамки на панел-дискусијата, таа ја истакна значајната улога на регионалната соработка во процесот на унапредување на стандардите за проценување, согласно потребите и специфичностите на регионот, при што беше потенцирана важноста од размена на искуства, заеднички професионален развој и институционална поврзаност помеѓу асоцијациите на проценувачи од Југоисточна Европа.

Проф. д-р Драгољуб Јанковиќ од Црна Гора за неговото предавање и значајниот осврт на приносната метода, економските шокови и важноста од внимателна анализа на пазарните параметри во време на нестабилност.

 

М-р Билјана Дејановска, како претставник на Mинистерството за транспорт за нејзиното стручно предавање посветено на анализата и прегледот на постојната Методологија за процена на недвижности и предлозите за нејзино понатамошно унапредување. Во рамки на своето излагање, таа даде значаен правен и професионален осврт на актуелните предизвици во процесот на проценување, при што беше потенцирана потребата од понатамошен развој и модернизација на методологијата согласно современите пазарни услови, дел од европските практики и потребите на професијата проценувач.

 

Д-р Марко Трпкоски од НЛБ Банка АД Скопје, за неговото стручно предавање во кое беше направен значаен осврт на влијанието на геополитичките тензии, енергетските шокови и макроекономската неизвесност врз пазарот на недвижности и инвестициските текови. Во рамки на своето излагање беше потенцирана и важноста од квалитетни пазарни податоци, институционална координација и усогласување со современите европскистандарди, како значајни предуслови за понатамошен развој и модернизација на системот на проценување.

 

Проф. д-р Александар Костадиновски, професор по сметководство и ревизија Економски факултет, Универзитет Скопје и Потпретседател на Комора на проценувачи на РС Македонија, за неговото присуство, стручното предавање и континуираниот професионален придонес во унапредувањето на проценувањето. Во рамки на своето предавање беше направен значаен осврт на влијанието на современите геополитички и економски ризици врз процесот на проценување и носењето професионални проценувачки одлуки. Како заменик претседател на Комората и член на управниот одбор, неговиот долгогодишен професионален ангажман, искуство и поддршка претставуваат значаен придонес кон развојот на професионалните стандарди, едукацијата и јакнењето на професијата согласно современите европски практики и предизвици.

 

Д-р Тони Србиновски од Алкалоид АД Скопје, за неговите стручни предавања и значајниот професионален придонес во отворањето на актуелни теми поврзани со ESG, одржливоста, енергетската ефикасност и проценувањето во услови на геополитички промени.Во рамки на своите презентации, тој направи значаен осврт на влијанието на одржливоста, енергетскиот менаџмент и одржливиот развој врз процесот на проценување, како и на проценката на нематеријалните средства согласно EVS-IA 2026 стандардите. Притоа беше потенцирана сè поголемата важност на ESG принципите, енергетската ефикасност и современите европски стандарди во идниот развој на професијата проценувач.

  • Mr. Krzysztof Grzesik, поранешен претседател на TEGOVA, за континуираната поддршка, доверба и охрабрување што ни ги даде уште од самиот почеток на организацијата на конференцијата. Неговото долгогодишно искуство, меѓународен авторитет и искрена поддршка претставуваат значајна мотивација и поттик за понатамошен развој и меѓународно поврзување на професијата проценувач во регионот и Европа.
  • Македонска телевизија и Алфа телевизија за медиумската поддршка и пренос на настанот како и до интернет порталите за споделување на веста за настанот.

Посебна благодарност упатуваме и до сите домашни и меѓународни предавачи, панелисти, институции, компании, банки, биро за процена, општини и професионалци кои со своето присуство и придонес овозможија конференцијата да се реализира на високо професионално и меѓународно ниво.

Воедно, изразуваме искрена и голема благодарност до сите проценувачи за нивната посветеност, професионалност и активното учество во работата на конференцијата. Вашето присуство уште еднаш потврди дека професијата проценувач во Македонија располага со сериозен професионален потенцијал, знаење и капацитет за понатамошен развој и меѓународна афирмација.

Особено сме горди што денес нашата професионална заедница претставува активен дел од европското и меѓународното семејство на професионалци кои заеднички работат на јакнење на стандардите, етиката, транспарентноста и довербата во процесот на проценување.

Комората на проценувачи на Р.С. Македонија останува цврсто посветена на континуираниот развој на професијата преку современи обуки, институционална и меѓународна соработка, професионална едукација и следење на современите европски и светски трендови — затоа што точната, независна и професионална проценка претставува еден од темелите на стабилна економија, сигурни инвестиции и доверба во системот.

Оваа конференција уште еднаш покажа дека кога знаењето, професионалноста и визијата се обединети, професијата проценувач може успешно да одговори на сите современи предизвици и да продолжи да се развива како значаен фактор во економијата и општеството.

Фотогалерија:

Презентации:

Press Clipping од Конференцијата

Во име на Управниот одбор на Комората на проценувачи

м-р Ѓорѓе Спировски
Претседател

 

Сподели на Facebook
  1. Почетна
  2. Информации
  3. Успешно одржана Меѓународна Конференција на Проценувачи во Охрид!