Со гордост Ве известуваме дека во прекрасниот амбиент на Хотел Метропол во Охрид од 18-ти до 20-ти Мај 2025, бевме сведоци на уште еден важен чекор за развојот на професијата проценувач со одржувањето на 8-ма Меѓународна конференција на проценувачи на тема:
„Потребата за точни податоци во време на висока инфлација, геополитички немири и развој на вештачката интелигенција“
Конференцијата претставуваше извонредна можност за размена на искуства, знаења и идеи во време кога точните информации и професионалниот пристап се поважни од кога било.
Во услови на глобална нестабилност и брза дигитална трансформација, процената на вредноста на недвижности, бизниси и други средства бара не само стручност, туку и пристап до точни податоци и користење на модерни алатки, вклучувајќи ја и можноста за користење на вештачка интелигенција.
Но притоа мораме да поставиме јасни етички стандарди, да работиме транспарентно и усогласено со Методологијата, Европските и Меѓународните стандарди.
Особено сме горди што ја промовиравме и најновата публикација на книгата – „Европски Стандарди за Процена 2025“, преведена на македонски јазик која претставува важна алатка за сите проценувачи што сакаат да работат квалитетно, одговорно и во чекор со Европа.
Во фокусот на дискусиите беа:
- Влијанието на високата инфлација врз пазарот на недвижности и промените во проценувањето на капиталните добра,
- Последиците од геополитичките немири врз сигурноста и стабилноста на инвестициите,
- Развојот на вештачката интелигенција и нејзиното влијание врз методологијата, стандардите и алатките кои би можеле да се користат во дел од процесите на проценувањето на недвижности, бизниси и машини и опрема.
Голема благодарност упатуваме до:
- претседателот на TEGoVA господин Paulo Barros Trindade од Португалија за неговото присуство, инспиративно обраќање, предавање и учество во панел дискусијата. Тој одржа значајно предавање посветено на улогата и вредноста на титулата “Recognised European Valuer“ (REV). Тој истакна дека REV сертификацијата претставува знак на професионален квалитет, транспарентност и доверба во рамките на европскиот пазар на недвижности. Сертификацијата е создадена за да обезбеди високи и усогласени стандарди во проценувањето, овозможувајќи им на професионалците да бидат препознаени како компетентни и етични проценувачи низ цела Европа. Претседателот нагласи дека REV носи поголема веродостојност кај институциите, инвеститорите и клиентите, особено во трансакции со прекуграничен карактер. Дополнително, се потенцираше дека REV не е само титула, туку и обврска за континуирано професионално усовршување и почитување на Европските стандарди за проценување (EVS). Заклучокот од предавањето беше јасен: REV е суштински инструмент за подигање на професионалната репутација и довербата во индустријата за проценување на ниво на цела Европа
- министерот за дигитална трансформација М-р Стефан Андоновски за поддршката и неговото значајно присуство на настанот како и за нагласувањето на можноста и потребата за користењето на модерни алатки во проценувањето
- претходниот претседател наTEGoVA господин Krzysztof Grzesik од Полска за неговото присуство, предавање и учество во панел дискусијата. Тој го презентираше своето истражување за примената на автоматизирани модели за проценка (AVM) и вештачка интелигенција (AI) во Европа. Тој нагласи дека иако AVM методите се корисни за масовни проценки, не можат да ја заменат професионалната проценка од стручен проценувач. Точноста на AVM зависи од квалитетот на податоците и не ги зема секогаш предвид локалните специфики. Заклучи дека иднината е во хибридниот пристап – технолошки алатки комбинирани со човечка експертиза и етички стандарди
- директорот на технички стандарди (материјални средства) од Советот за меѓународни стандарди за проценување (IVSC) господин Alexander Aronsohn од Обединетото Кралство. Тој ги истакна клучните новини, со фокус на зголемување на транспарентноста, стандардизација на пристапите и подобрување на методологиите за процена. Тој подвлече дека промените имаат цел да одговорат на современите предизвици на глобалниот пазар, вклучувајќи одговорно користење на технологија и појаснување на дефинициите и обврските на проценувачите. Нагласи дека IVS останува жив документ што се развива заедно со професијата, секогаш во насока на доверба, отчетност и професионализам
- претходниот претседател наРоманската асоцијација на проценувачи ANEVAR професор Daniel Manate од Романија за неговото присуство, предавање и учество во панел дискусијата. Тој презентираше истражување за примена на вештачка интелигенција во проценување на недвижен имот во нашата држава. Преку практични примери, демонстрираше како AI може да скрати одредени постапки и да ја зголеми ефикасноста. Сепак, нагласи дека, и покрај технолошкиот напредок, изборот на соодветни податоци и конечната одговорност секогаш остануваат во рацете на искусните проценувачи. Технологијата е поддршка, но не замена за стручното расудување
- Проф. д-р Драгољуб Јанковиќ, ИОПЦГ Подгорица, Црна Гора за неговото присуство и предавање. Професор Јанковиќ во своето излагање ја истакна важноста на правењето јасна дистинкција помеѓу реалниот и номиналниот пристап во приносната метода, особено во услови на инфлација. Тој објасни дека неточното мешање на реални и номинални параметри може да доведе до погрешни проценки, како кај недвижности, така и кај бизниси. Нагласи и дека проценувачите треба внимателно да го усогласат типот на приходи и стапки на принос, за да се обезбеди точност и интегритет во проценката во економски нестабилна средина
- Проф. д-р Марко Поповиќ, Факултет за технички науки, Универзитет во Крагуевац – Србија за неговото присуство и предавање. Одржа презентација посветена на стандардите EVS-PME 2022, со фокус на нивната практична примена. Тој даде преглед на клучните насоки и препораки кои се однесуваат на проценување на машини и опрема (PME) според Европските стандарди за процена. Особено беше потенцирано дека EVS-PME обезбедуваат структуриран и професионален пристап што ги зема предвид специфичните карактеристики на овие средства, со цел да се овозможи доследна, објективна и транспарентна проценка. Професорот истакна дека примената на овие стандарди е од особена важност за проценувачи кои работат со индустриска и техничка опрема
- Д-р Марко Трпкоски, НЛБ Банка за неговото присуство и предавање. Одржа предавање на тема „Одржлива вредност“, во кое зборуваше за интеграцијата на климатски, пазарни и технолошки податоци во процесот на проценка на недвижен имот. Тој нагласи дека одржливите аспекти сè повеќе влијаат врз пазарната вредност, при што проценувачите треба да ги земаат предвид ризиците поврзани со климатски промени, енергетска ефикасност, нови технологии и очекувањата на пазарот. Исто така подвлече дека ваквиот пристап не само што ја подобрува точноста на проценката, туку и ја зголемува нејзината релевантност за инвеститорите и донесувачите на одлуки во време на брзи трансформации
- Доц. д-р Љубомир Тодоров, Универзитет за национална и светска економија, Бугарија за неговото присуство и предавање. Тој ги истакна критичните точки во проценката на капиталот. Посебно се осврна на финансиските податоци и показатели кои се значаен инпут за проценката на капиталот. Воедно, даде осврт и на утврдувањето на параметрите кои ја детерминираат вредноста на бизнисите, притоа одговарајќи и на прашањата од присутните проценители, за дилемите и проблемите со кои се соочуваат при проценките од областа
- Д-р Тони Србиноски, Алкалоид АД за неговото присуство и предавање. Д-р Тони Србиноски се осврна на значењето на ESG критериумите (животна средина, социјални фактори и корпоративно управување) во рамки на одржливоста и одржливиот развој. Тој истакна дека овие аспекти стануваат сè поважни во процесите на процена на проекти и инвестиции, бидејќи влијаат врз долгорочната стабилност, етичкото работење и општествената одговорност на компаниите. ESG пристапот помага во идентификување на ризици и можности што не се видливи преку традиционалните финансиски анализи
- претходниот претседател на комората на проценувачи М-р Валентина Младеновска за нејзиниот голем придонес во исклучително важниот процес на стекнување на нашата комора со меѓународно признат АМА статус и заокружување на процесот на REV сертификација
- Македонска телевизија за медиумската поддршка и пренос на настанот
Воедно, изразуваме искрена и голема благодарност до сите проценувачи за нивното присуство, посветеност и придонес во успешната реализација на конференцијата. Вашето учество беше од исклучителна важност за квалитетот и релевантноста на настанот.
Комората на проценувачи останува цврсто посветена на унапредување на професијата преку квалитетни и современи обуки, со цел континуиран професионален развој на проценувачите – затоа што точната и реална проценка е темел за стабилна економија и доверба во пазарот.
Овој настан уште еднаш потврди дека заедно можеме да одговориме на современите предизвици со професионалност, иновација и интегритет.
Фотогалерија
Презентации
- Paulo Barros Trindade
- Krzysztof Grzesik
- Alexander Aronsohn
- Dragoljub Jankovic
- Daniel Manate – Case Study
- Daniel Manate – Presentation
- Marko Popovic
- Marko Trpkoski 1
- Marko Trpkoski 2
- Lyubomir Todorov
- Toni Srbinoski
Press Clipping од Конференцијата
- LinkedIN Комора на проценувачи
- LinkedIN TEGOVA
- LinkdeIN објава на Paulo Barros Trindade REV, REV-BV
- LinkedIN објава на Chris Grzesik
- LinkedIN објава на Daniel Manate
Во име на Управниот одбор на Комората на проценувачи
М-р Ѓорѓе Спировски
Претседател



