Почитувани проценувачи,
Ве известуваме дека Комората на проценувачи одржа прес конференција во неделата на 02.04.2023 година, со цел запознавање на граѓаните, стручната јавност и посебно пратениците од Собранието, пред кои е ставен на расправа и на донесување нов Закон за вештачење.
Пресот беше реакција на Предлог законот за вештачење со единствена цел да биде спречена намерата да се озакони мешањето на државата во областа на процената преку орган на државната управа – Биро за процена на кое му се даваат надлежности со кои му се гарантира монополската положба во однос на лиценцираните – овластени проценувачи.
Со одредбите од предложениот закон за вештачење се врши упад во постоечкиот Закон за процена, вмешување на државен орган во дејноста процена, мешање на ингеренциите и надлежностите на Комората на проценувачи со надлежности што му се даваат на Бирото со предложениот Закон за вештачење:
- Се преименува Бирото за судски вештачења во Биро за процена-значи Бирото НЕ СЕ УКИНУВА.
- Се овозможува преименуваното Биро за процена да изготвува проценки за: јавни претпријатија, трговски друштва, фондови, физички и правни лица и др субјекти – додека согласно Законот за процена Бирото може да изготвува проценки САМО за потребите на државни органи.
- Му се овозможува на преименуваното Биро да учествува во обуки на проценувачите – додека согласно Законот за процена, Комората е надлежна за спроведување на почетни и континуирани обуки.
- Се дозволува преименуваното Биро да ангажира надворешни проценувачи -што ќе доведе до избегнување на ревизорските постапки и директно избегнување на одговорноста за изготвените проценки.
Во образложението на Предлогот е наведено дека потребата од донесување на ваков Закон произлегува од потребата за реформа на судството –СТРАТЕГИЈА ЗА РЕФОРМА НА ПРАВОСУДНИОТ СЕКТОР ЗА ПЕРИОДОТ 2017-2022 година СО АКЦИСКИ ПЛАН како услов за членство во ЕУ во Акцискиот план е утврдено:
“Укинато Биро за судско вештачење како орган во состав на МП од декември 2019 година и воспоставување функционален систем за судско вештачење”
Односно државата превземала обврска да го укине Бирото за судски вештачења до декември 2019 година!
Но, во предложениот закон НЕ СЕ УКИНУВА, ТУКУ СЕ ПРЕИМЕНУВА постоечкото Биро за судски вештачења во Биро за процена, и пред јавноста како и пред европската унија само се создава ПРИВИД дека се спроведува реформата преземена со Стратегијата за реформа на Правосудниот сектор 2017 – 2022 и нејзиниот Акциски план, а во суштина се прави конфузија и во двете области и во областа на вештачењето и во областа на процената со несразмерни последици и само со цел да НЕ биде укинато Бирото за судски вештачења
Наведената потреба за реформа на судството нема поврзаност со дејноста процена и областите во кои се врши процена и ќе доведе до создавање на повеќе проблеми и дилеми при примена на законот за процена и предложениот закон за вештачење.
- Со предложениот закон се зголемува правната НЕсигурност, се преклопуваат надлежности што во пракса ќе доведе до сериозни последици и хаос во областа на процена што ќе ги трпиме сите ние: граѓаните. стопанството, банките, општините, во сите постапки каде што се вршат процени.
Се дозволува преименуваното Биро за процена да изготвува проценки:
- во постапка за ЕКСПРОПРИЈАЦИЈА,
- при спроведување на ИЗВРШУВАЊЕ,
- во стечајна постапка и ликвидација,
- при финансирање и подигање на хипотекарен и заложен КРЕДИТ,
- при ПРЕНОС НА ПРАВОТО НА СОПСТВЕНОСТ,
- при ОДАНОЧУВАЊЕ СО ДАНОЦИ НА ИМОТ , и
- во сите други постапки и случаи каде што има потреба од процена
Се создава тотална конфузија во правниот промет така што со закон кој ја регулира областа вештачење СЕГА НА ДРУГ НАЧИН се уредуваат прашања од областа на процена кои веќе 10 години се регулирани со Законот за процена што ги опфаќа сите аспекти на таа област и е во согласност со меѓународните и со европските стандарди
2. Сакаме да ја истакнеме КОЛИЗИЈАТА на предложените законски решенија во однос на Законот за процена, на Законот за организација и работа на органите на државната управа и на Уставот, и преклопувањето на надлежностиете и овластувањата што му се даваат на Бирото за процена со надлежностите што ги има Комората за проценувачи, согласно Законот за процена како професионална организација чие основање, организација, управување, делување и надлежности се дефинирана со истиот закон.
Вработените во Бирото за вештачење НЕ СЕ членови на Комората на проценувачи и нивната работа не подлежи на ревизиска и дисциплинска
постапка предвидена со Законот за процена, што значи дека и НЕМААТ НИКАКВА ОДГОВОРНОСТ ЗА ИЗВРШЕНАТА РАБОТА и за резултатот и последиците од таа работа, за разлика од овластените проценувачи и проценувачите вработени кај нив.
Со предложениот Закон се дозволува Бирото за процена да ангажира и надворешни соработници кои во негово име и за негова сметка ќе вршат процена.
Односно вака поставениот предлог закон го става новоименуваното Биро за процена во функција на работодавач на проценувачи без никаква одговорност при вршењето на дејноста, и штит за надворешните соработници за избегнување на одговорноста утврдена во Законот за процена.
3. Со предложениот Закон на преименуваиот орган во состав на Министерството за правда спротивно на член 5 точка 4 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, му се даваат надлежности и овластувања да врши стручни и други работи од областа на процената, која не припаѓа во работите што се во надлежност на Министерството.
Формирање на државен орган на кој му се даваат ингеренции, законски овластувања и делокруг на работа во областа ПРОЦЕНА, не може и не смее да се предвидува и регулира со Законот за вештачење поради нарушување на уставно загарантираниот еднаков и единствен пристап на секој кој ги исполнува законските услови, да се стекне со лиценца и да ја врши професијата проценувач.
4. Самото име на Предложениот закон, воведните одредби во кои е наведено значењето на изразите кои се употребуваат во Законот и дефинициите во тие одредби, упатуваат дека со овој Закон треба да се регулира областа вештачење. Сепак одредбите од членовите 46 до 59 и член 62 од предложениот Закон предвидуваат постоење на државен орган – Биро кое нема да има никакви ингеренции во областа на ВЕШТАЧЕЊЕТО туку во областа на ПРОЦЕНАТА.
Во Нацрт текстот на Предлог Законот за вештачење кој што произлезе од работната група во Министерството за правда и кој што се уште стои на ЕНЕР, одредбите од членовите 46 до 59 и член 62 кои предвидуваат постоење на државен орган – Биро кое нема да има никакви ингеренции во областа на ВЕШТАЧЕЊЕТО туку во областа на ПРОЦЕНАТА не беа содржани и не беа ставени на јавна расправа.
Работната група беше составена од компетентни стручни лица (судии, обвинители, универзитетски професори, вештаци од различни области, вработени во институции и министесрства) кои во своето повеќегодишно работно искуство се инволвирани во процеси на вештачење, во изготвување на регулативата и во нејзината практична примена.
Нацрт текстот на предложениот Закон кој произлезе од повеќе месечна работа на работната група во целост е усогласен со Стратегијата за реформа на Правосудниот сектор 2017 – 2022 и со нејзиниот Акциски план– ЗА РАЗЛИКА ОД ПРЕДЛОГОТ КОЈ СЕГА Е СТАВЕН ВО СОБРАНИСКА ПРОЦЕДУРА.
Посебно сакаме да нагласиме дека сите околности содржани во нашето обраќање до јавноста навреме ги изнесовме и Министерството за правда и побаравме да се изврши усогласување на Предлогот на Законот што Владата го доставила до Собранието на РСМ на 08.11.2022 год.
Апелиравме да се слушне и да се почитува мислењето на стручната јавност, проценувачите.
Апелиравме до пратениците на Собранието, членовите на Комисијата за европски прашања како матично тело за предложениот Закон за вештачење и до членовите на Законодавно правната комисија да ги разгледаат со посветено внимание поднесените Амандмани, образложенијата кон истите и да му предолжат на Собранието да ги прифати.
Скопје, 03.04.2023 година
Комора на проценувачи на РСМ
Претседател
Валентина Младеновска
Контакт податоци
тел : 02 2 3151 477 | 070 381 815
Е-маил : v.mladenovska@komoranaprocenuvaci.mk